Одбојкарите без Милков и Стошиќ патуваат во Романија

По две недели силни физички тренинзи и потоа уште две на тактичко-технички план, македонската одбојкарска репрезентација има само уште три дена работа во Маврово. На собир се петнаесетмина играчи, а од списокот на селекторот Никола Матијашевиќ сега недостасува само Марко Стошиќ.

Повредата на стомачните мускули значи дека тој не само што нема да работи деновиве со тимот, туку и нема да патува во Крајова на првите контролни мечеви претстојниот викенд. Со оглед дека се приклучи подоцна и се уште физички не е на потребното ниво, против Романците нема да игра ниту Александар Милков.

Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Маџунков се веќе во полна сила, а со помал интензитет тренира капитенот Никола Ѓорѓиев, но не станува збор за повреда којашто може да го спречи да настапи против Романија.

Со репрезентацијата е и новиот асистент на селекторот Матијашевиќ, српскиот стратег Душко Николиќ, така што македонскиот национален состав е речиси комплетен пред пријателските средби коишто треба да бидат финална подготовка за настапот во Љубљана.