Очекувани резултати, фаворитите во мак-одбојката продолжуваат во Купот

Реванш средбите од четвртфиналето во македонскиот одбојкарски куп завршија со очекувани резултати коишто одговараат на квалитетот на екипите сезона, а беа и логично продолжување на епилогот на првите натпревари. Вардар жени 2019, Работнички Скопје и Струмица жени обезбедија настап во елитната четворка, исто како и Џио Струмица, Вардар и Шкендија, коишто му се придружија на Универзитет во Тетово во машкото полуфинале.

 Од најдобриот квартет во првенството кај дамите, неизвесен е успехот на Јанта волеј Кисела вода во двомечот со Наковски волеј. Петтопласираниот тим во Првата лига го доби дуелот на свој терен со 3:0 во сетови, а доколку вечерва во Скопје освои барем еден, ќе го заработи билетот за полуфинале. За да биде во него, составот на Јанта волеј Кисела вода, којшто во шампионатот загуби само еден од десет натпревари, треба да победи со 3-0, а потоа и да го добие таканаречениот „златен сет“ до 15 поени.

 Во машка конкуренција, во единствениот двомеч што понуди неизвесност, Шкендија го елиминираше ГОК Борец откако славеше и на вчерашниот реванш во Велес со 3-0, но со тесен резултат во сетовите. Претходно, тетовскиот тим дома триумфираше со 3-2, па прашањето за тоа кој ќе оди во наредната рунда беше отворено во текот на целата вчерашна средба. Џио Струмица и Вардар само го потврдија пласманот затоа што се радуваа против Лирија, односно против Штип УГД Штип и во возвратните натпревари, а Универзитет во Тетово ја прескокна Весна Пробиштип уште минатата недела.

 Според правилата за натпреварување, полуфиналето треба да се игра исто така со два натпревара, но постои можност за одлука да биде организиран завршен турнир во двете конкуренции, со што би се овозможила поголема неизвесност во трката за престижниот пехар. Негови последни освојувачи во 2019 беа Џио Струмица и Работнички Скопје, а лани сезоната не заврши поради здравствените околности, па немаше доделување пехари.

 Покрај натпреварите во купот, работниот дел од неделата одбојкарките на Македонија Макс и на Ускана го искористија за да го одиграат меѓусебниот натпревар од четвртото коло во Втората фаза-2, којшто беше одложен поради временските услови минатиот викенд. Поуспешна беше струмичката екипа со 3-0, на тој начин забележувајќи ја втората првенствена победа сезонава, за шесто место во Втората фаза-2. Ускана има биланс 4-6 и е четвртопласирана, што одговара на десеттото место во конечното рангирање на крајот на 2020/21.

  • Македонски одбојкарски куп (Четвртфинале-жени, реванши)

Вардар жени 2019* – Универзитет во Тетово 3-0 (25-10, 25-14, 25-14)
Работнички Скопје* – Пелистер волеј 3-1 (25-16, 25-17, 23-25, 25-15)
Струмица жени* – Јанта волеј Форца 3-0 (25-12, 25-17, 25-19)
Јанта волеј Кисела вода – Наковски волеј (денес, 20:00)

  • Македонски одбојкарски куп (Четвртфинале-мажи, реванши)

Џио Струмица* – Лирија 3-1 (25-17, 26-24, 22-25, 25-17)
Вардар* – Штип УГД Штип 3-1 (25-7, 22-25, 25-21, 25-21)
ГОК Борец – Шкендија* 0-3 (2-:25, 21-23, 23-25)
Универзитет во Тетово* – Весна Пробиштип 3-0 (25-7, 25-17, 25-15)