Нови проекти на Струмица со одбојкарскиот гигант од Полска

Претседателот на одбојкарскиот клуб Струмица, Владо Милев, заедно со проектниот менаџер Никола Делевски, остварија деловна средба со партнерите од Академијата на полскиот првак Јастржебски.

На средбата беше присутен директорот Андреј Павловски и координаторот на тренерите Дариус Лукс, за продлабочување на веќе многу делотворната соработка. Од таборот на Струмица ја најавија агендата за следната сезона, во која има повеќе активности.

Планирана е посета на младите категории на академијата во Струмица во мај 2025, а возвратното патување во Полска на македонскиот тим и младите категории во е во јуни 2025 година.

Потоа на програмата е усовршување на тренерите на Струмица во Полска со младите категории како и со сениорската екипа на Јастрзебски во Јануари 2025 година, разгледување и усвојување на план и програма за работа на младите категории како можност за размена на тренери и играчи за следната сезона се со цел за уште подобри резултати на сите екипи на македонскиот првак.

Исто така, во програмата е вметнат и план за изработка на заеднички европски проекти за развој на одбојката како и план за инфраструктурни проекти за подобрување на условите за работа на екипите во Струмица, како и разгледување на план за отварање на одбојкарска академија во Струмица.