Нови лесни победи за Струмица и ГОК Борец, драмата во Прибиштип за домаќините

Шампионот и велешани ја продолжија победничката низа, пробиштипјани остварија значаен успех против директен ривал за влез меѓу шесте најдобри, а Дибра волеј ја забележа првата победа не само сезонава, туку воопшто откако настапуваат во Првата машка македонска одбојкарска лига. Струмица 47&72 немаше тешка задача на гостувањето кај Јанта волеј за биланс 4-0 по петтото коло, а со оглед дека ОФМ донесе одлука натпреварот од претходната рунда меѓу Лирија и ГОК Борец да биде преигран поради повреда на меѓународните судиски правила, поразот на велешани не важи, па и тие имаат максимален ефект откако во саботата славеа дома над Штип УГД во три сета.

По првичниот пораз токму од ГОК Борец, екипата на Весна Пробиштип влезе во ритам, па нанижа три триумфи, последниот исклучително важен на свој терен против Лирија со 3:2. Тимот од Жеровјане има две победи како и Штип УГД и Јанта волеј, но и Универзитет во Тетово кој денеска ќе игра со Шкендија во локалнотодерби во оваа првенствена рунда. Шкендија загуби на теренот на актуелниот првак пред седум дена, но котира високо затоа што претходно славеше трипати, па поради тоа може да се заклучи дека натпреварот со тетовскиот конкурент може да решава за второто место по есенскиот дел.

Резултатот на гостувањето во Струмица беше огромна причина за радост на составот на Дибра волеј којшто ја забележа првата победа откако се натпреварува во Првата лига. Иако дебитантот Македонија Џио ги доби првите два сета, Дибра волеј направи пресврт и со тоа исчекори од дното на табелата.Во ова коло слободен беше Вардар кој лошо ја почна сезоната, но се засили, така што е кандидат за влез во Втората фаза-1.

Прва лига
Петто коло:

Јанта волеј – Струмица 47&72 0-3 (9-25, 13-25, 15-25)
ГОК Борец – Штип УГД 3-0 (25-15, 25-18, 25-15)
Весна Пробиштип – Лирија 3-2 (21-25, 25-21, 25-23, 17-25, 15-7)
Македонија Џио – Дибра волеј 2-3 (25-16, 25-23, 17-25, 19-25, 14-16)
Шкендија – Универзитет во Тетово (денес, 20:00)
Слободен: Вардар