• Горан Упале
По кадетската екипа, која веќе прослави титула првак на Македонија, и пионерките на Наковски Волеј се шампиони во својата возрасна категорија.
На финалниот турнир, кој викендов се одржа во салата „Невена Георгиева – Дуња“ во Скопје, во одлична организација на Фламинго Волеј, одбојкарките на Наковски со 3-0 (25-11, 25-20, 25-22) ги совладаа врсничките од Форца Волеј ЕМА.
Претходно во полуфиналето Наковски Волеј со 2-0 (25-19, 25-20) славеше над Фит Фан Волеј, додека Форца Волеј ЕМА во два сета (26-24, 25-21) се радуваше против домаќинот Фламинго Волеј.
Во мечот за третото место Фит Фан Волеј беше подобар од составот на организаторот. Со финалниот турнир во женска пионерка конкуренција беше комплетирана и сезоната 2025/26 во сите возрасни категории во организација на Одбојкарската федерација на Македонија.