• Саше Љолес
На натпреварот помеѓу Универзитетите Линколн и Омаха во Соединетите Американски Држави, беше соборен и поставен нов светски рекорд во посетеност на спортски натпревар во женска конкуренција.
Дуелот помеѓу женските одбојкарски екипи на двата универзитета беше проследен од дури 92.003 гледачи, што е нов апсолутен рекорд на планетата. Натпреварот се одигра на стадионот „Меморијал“ во Линколн, а почетната цена на влезниците изнесуваше 25 американски долари.
Дел од медиумите кои го пренесуваа настанот, објавија информации дека препродавачите пред натпреварот ги продавале билетите и по 400 долари за една влезница, затоа што интересот бил навистина голем. Организаторите соопштија дека по пет долари од секој билет одат за средношколски и младински спортски организации од таа сојузна држава, па хуманитарниот карактер на овој меч дополнително влијаел врз посетеноста.
На истиот стадион минатата година беше поставен последниот рекорд, кога во рамки на Лигата на шампионите се сретнаа женските екипи на Барселона и Волфсбург. Тогаш беа присутни 91.648 гледачи, што значи дека одбојкарскиот натпревар го подобрил овој рекорд за нешто помалку од четиристотини посетители.