Николовски и Наков ги обновија договорите со Џио Струмица

Со оглед на амбициите во претстојната сезона да се врати на европската сцена по подолго време, како и да конкурира за двојата круна во домашни рамки, раководството на Џио Струмица тргна во офанзива да го комплетира и да го засили играчкиот кадар. Откако потпиша договори со Владо Милев и со Васе Михаилов со што обезбеди нова примачка дијагонала со репрезентативен квалитет, најуспешниот македонски клуб во последната деценија ги обнови договорите со неколкумина стандардни одбојкари, меѓу кои и со репрезентативниот блокер Ристо Николов, како и со стручниот штаб на чело со досегашниот тренер Кире Ричлиев.

Старо-нови членови на Џио Струмица се и средниот блокер Славе Наков, како и Филип Николовски, кој лани премина во Џио Струмица од Весна Пробиштип, а може да игра на две позиции во тимот, како примач и како либеро. Токму тоа е неговото место во македонскиот национален тим чијшто член е и Наков. Двајцата настапија на ланското Европско првенство, за нас дебитантско, а беа дел од црвено-жолтите и во Европската лига. Ако се знае дека освен Иван Андонов, сите други досегашни играчи на Џио Струмица ги обновија договорите, тоа значи дека клупското раководство речиси го оствари целиот план за кадровскиот потенцијал на екипата.

За освојувачот на двојната круна од сезоната 2018/19, последната одиграна целосно, сега останува периодот на подготовки пред следните предизвици. Домашната сезона би требало да почне во втората половина на септември, а потоа струмичките одбојкари ќе го почувствуваат задоволството од учеството во Челинџ купот на ЦЕВ.