Николовски: Ако ги совладаме Финска и Белорусија, ќе оствариме голем успех!

Наскоро македонските одбојкари ќе ја завршат мавровската епизода и ќе се вратат во Скопје, од каде ќе започне последната фаза од подготовки за Европското првенство во Словенија. 

Либерото Филип Николовски го анализираше сработеното под палката на Матијашевиќ на падините на Бистра.

„Првите две недели ставивме акцент на физичките подготовки, а сега повеќе работиме на работа со топка. Ни следуваат пријателски натпревари во Скопје и спремни ќе ги дочекаме. Првиот ривал Финска е противник против кој може да се игра. Мислам дека можеме да ги добиеме.

Ако ги совладаме Финска и Белорусија, ќе оствариме голем успех. Не е невозможно за нашите квалитети“, смета Николовски.

Сите одбојкари се здрави, повредите се залечени и посветеноста со која се работи пред големиот настан може само да радува. Стручњаците се убедени дека Македонија спремна ќе го дочека континенталниот собир.