Николов: Ако се играа сетовите до 20 поени, сега ќе имавме две победи

Неискуството и падот на концентрацијата во одлучувачките моменти на сетовите се причина за уште еден пораз без освоен сет за нашата одбојкарска репрезентација на Европското првенство. Турција славеше со 3-0, а само во вториот сет имавме некакви шанси за освојување на сет.

Ристо Николоов го анализираше поразот и причините за него.

„Ако се играа сетовите до 20 поени, можеби ќе имавме два добиени меча. Турците беа пресилни, превисоки, имаат пресилен сервис и напад. Се трудевме колку што можевме но не успеавме. Кога Локумџија ќе ви запише 20 и преку 20 поени, нема што да чиниш“, вели нашиот репрезентативец. 

Веќе утре Русија е следниот ривал, а шансите ни се сведени на теорија и целта е да се остави само добар впечаток. 

„Против Русите можеме само да уживаме, тие се апсолутно фаворити. Верувам дека в понеделник ќе ја впишеме првата победа против Белорусија“, заклучи Николов.

Утре од 17:30 часот ќе се соочиме со Русија, што е еден вид на натпревар за уживање на нашите момци, а в недела одбојкарите ќе го имаат првиот слободен ден.