„Никола Ѓорѓиев е одбојкарски феномен и лидер, таков човек ретко се наоѓа!“

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓорѓиев, моментално е дел од словенечки АЦХ Волеј и игра на два фронта – во домашната лига во Словенија и во меѓународната МЕВЗА лига. Неговиот тим блеска и само победува, а пофалби за него има и тренерот Младен Кашиќ.

Во изјава за „Спорт клуб“, тренерот со пофалби говореше за нашиот најдобар одбојкар. Иако многумина велеле дека Ѓорѓиев е стар, сепак, тој решил да го ангажира и за тоа е дециден дека не погрешил.

„Никола Ѓорѓиев е феномен. Момчето е популарно, истовремено има и карактер. Ретко се наоѓа такво нешто. Кога бевме заинтересирани за него, се јавив кај тројца различни луѓе да се распрашам за него, па и тројцата ми го кажаа истото. Сега, тој ни го потврди тоа во нашиот дрес. Неверојатен лидер! Ако клубот го имаше Ѓорѓиев лани, успесите ќе беа уште поголеми“, изјави тренерот на словенечкиот првак.

Коректорот пред да пристигне Словенија играше во турски Инегол, претходно настапуваше за Фридрисхафен од Германија, а исто така беше дел и од Раднички (Србија), Форли (Италија), Мили Пјанго (Турција), Париз (Франција), Торај и Осака (Јапонија), како и Онико Варшава (Полска).