Никола Ѓорѓиев блеска во Турција – на секој меч е најдобар во својот тим!

Македонскиот одбојкарски репрезентативец Никола Ѓорѓиев игра во одлична форма во турскиот одбојкарски шампионат каде го носи дресот на Инегол и на секој натпревар е меѓу статистички најдобрите играчи на терен.

Инегол во последното одиграно коло загуби од Фенербахче со 2-3 во сетови, ама му даде голем отпор на фаворитот кој е лидер на табелата. На овој дуел Ѓорѓиев реализира 22 поени и додаде уште два блока и беше прво име во екипата.

Ако се навратиме и на трите средби пред дуелот со Фенер, на кои Инегол забележа три победи, Ѓорѓиев и таму имаше завидна статистика. На мечот против Токат Беледије (победа од 3-1 во сетови за Инегол), македонскиот репрезентативец имаше 23 поени и 5 блока.

Потоа, следеше триумф над Афјон Јуташ (3-1 во сетови), меч на кој Ѓорѓиев реализира 17 поени, додека третата победа во низа беше над Соргун (3-2 во сетови) и Ѓорѓиев реализира 19 поени, најмногу од сите на теренот.

Инегол се наоѓа на деветтото место во турскиот одбојкарски шампионат по 17 одиграни кола и се надева на место за разигрување од петтото до осмото место во Ефелер лигата.