Никола Ѓоргиев и Карловарско поразени во финалето на чешкиот одбојкарски Куп

Капитенот на машката одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, и неговиот тим Карловарско, играа во финалето на фајнал-фор турнирот од чешкиот Куп, кој викендов се одржа во Чешке Будејовице.

Екипата на Ѓоргиев загуби со конечни 1:3 во сетови, (24-26, 23-25, 25-15, 17-25) од бранителот на титулата, екипата на Прага. За клубот од Карлови Вари ова беше седмо Куп-финале, но не успеја да го крене првиот трофеј и покрај тоа што играше рамноправно, особено во првите два сета. 

Ѓоргиев во финалето доби шанса само во вториот сет, но не реализираше. Коректорот, затоа, одигра клучна улога во полуфиналниот натпревар со АЕРО Одолена Вода, кога Карловарско славеше со 3-1 (25-19, 25-22, 13-25, 26-24).

Македонскиот одбојкар го одигра комплетниот полуфинален дуел и беше најдобар со вкупно 17 забележани поени (сите од напад), предводејќи го својот тим кон финалето.

Следниот предизвик кон кој се насочува нашиот интернационалец е првенствениот плеј-оф, каде неговиот тим повторно има високи амбиции.