• Саше Љолес
Одбојкарската федерација на Македонија официјално распиша јавен конкурс за избор на селектори за машкиот и женскиот сениорски национален тим. Оваа практика не е вообичаена во нашата држава, па затоа предизвика големо внимание во спортската јавност.
Кандидатите кои ќе аплицираат на конкурсот потребно е да исполнуваат неколку важни и строги критериуми, а воедно сите што ќе конкурираат треба да претстават план за работа во следните четири години.
Последниот рок за аплицирање е 25 декември, а имињата на новите селектори би требало да бидат претставени на почетокот од следната година. Во моментов селектор на машката репрезентација е Хари Наковски, додека девојките се предводени од Стефан Пауновиќ.
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија ќе биде дел од дванаесетте национални тима кои ќе учествуваат во изданието од ЦЕВ Златната Европска лига во 2025 година. Првите турнири на програмата се викендот од 6 до 8 јуни. Македонија ќе игра на турнирот во Словачка, каде првиот натпревар го игра на 7 јуни против Финска, додека ден подоцна ќе се соочи со домаќинот.
Женската сениорска репрезентација на Македонија по вторпат во својата историја ќе биде дел од ЦЕВ Сребрената Европска лига 2025. Дамите се во друштво на Австрија, Швајцарија, Летонија, Израел, Грузија, Луксембург, Фарски Острови и Исланд.
Натпреварите ќе се одвиваат според „швајцарски систем“ односно низ три викенди ќе се играат по три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир. Македонија ќе биде организатор на турнир во првиот викенд, периодот од 30 мај до 1 јуни, кога ќе ги пречекаме селекциите на Луксембург на 30 мај, додека на 1 јуни се соочуваме со Швајцарија.
Во вториот викенд нашата репрезентација ќе игра на Фарски Острови (6-8 јуни). На 6 јуни ќе ги измерат силите со домаќинот, додека ден подоцна играат против Австрија. Третиот викенд (13-15 јуни) Македонија треба да игра на турнир кој ќе го организира Израел. На 13 јуни играме против Израелките, додека на 14 јуни ќе се соочиме со Грузија.