Ненад Михајловиќ прозиваше, одбојкарките се собраа на првиот тренинг

Откако македонската машка сениорска репрезентација минатата година оствари две победи и остави одличен впечаток на дебито на европските првенства, Одбојкарската федерација донесе стратешка одлука да почне процес на содавање женски национален тим кој во иднина би можел да конкурира за настап на големите интернационални настани. Водејќи се од оваа идеја, ОФМ аплицираше и ја доби организацијата на Европското првенство за одбојкарки до 19 години. Собирот на најталентираните одбојкарки на континентот во 2022 година, треба да означи почеток на враќањето на македонската женска одбојка на европската сцена. Заради што подобро селектирање и подготовка за квалитетно претставување во силната конкуренција, ОФМ го ангажираше Ненад Михајловиќ за селектор на нашата женска репрезентација за одбојкарки до 19 години. Српскиот стратег веќе е во Скопје и го одржа првиот тренинг со дел од одбојкарките коишто се на поширокиот список.

„Мојата цел е да направиме еден голем чекор напред, може да речам и двочекор и трочекор со женската одбојка овде. Тоа за мене е голем предизвик. Затоа сакам да ги одберам децата со најголем потенцијал и сите заедно да ги насочиме во вистинска насока, а тоа значи да направиме репрезентативки од нив. Треба многу да работиме, ќе имаме кампови, Балканијади, ќе направиме детален план за да тренираме што повеќе, а потоа и да играме пријателски натпревари со силни селекции како Србија на пример“, вели Михајловиќ.

Августовскиот подготвителен дел ќе содржи селективни тренинзи во четири градови, најпрво во Скопје, а потоа во Битола, во Штип и во Струмица. Од повеќе од 80 одбојкарки на поширокиот список, во соработка со своите соработници, селекторот Михајловиќ треба да одбере 22 до 24 одбојкарки, кои ќе учествуваат на завршницата од тренинзите во овој термин, а тоа ќе биде камп во Крушево. Другите девојки нема да бидат избришани, објаснува Михајловиќ, туку и тие ќе бидат следени од нашите тренери и можно е да му се приклучат на националниот состав.

„Има голем потенцијал и има доста работа, особено на техниката на одбојкарките. Јас сакам да ја донесам овде српската одбојкарска школа којшто е позната и успешна, а тоа значи македонската одбојка да оди напред“, вели Михајловиќ, кој ќе има поддршка од неколкумина наши тренери во градовите каде што ќе го селектира првиот тим.

Иако е релативно млад, новиот кормилар на македонската женска одбојка може да се пофали со сениорска шампионска титула во српскиот шампионат со Визура, како и со репрезентативни успеси во сите помлади категории.