Нема повеќе непоразени во женскиот одбојкарски шампионат

Веќе нема непоразена екипа во нашата сениорска одбојка, затоа што Работнички – Скопје убедливо го совлада составот на Работнички – Жени во пресметката на двете најдобри екипи досега (3-0).

Работнички – Скопје му го нанесе првиот сезонски пораз на водечкиот тим во нашата најквалитетна женска одбојкарска конкуренција. За разлика од претходните два натпревара кога екипата предводена од тренерот Горан Славков го искористи домашниот терен за идентични победи со 3:1, сега Работнички – Скопје беше убедлив во малата сала на арената „Борис Трајковски“ и му се доближи на противникот на само една победа во вкупниот биланс. Тимот на Работнички – Жени остана на првото место на табелата и доколку ја задржи превласта во наредните три првенствени рунди, тогаш ќе ја има почетната предност во разигрувањето.

За да може да се надева на преземање на лидерското место, составот на Работнички – Скопје треба да слави на претстојните две гостувања во Струмица и потоа дома против Пелистер волеј, а се разбира и да чека кикс на водечкиот. Според впечатокот од досегашните натпревари во сезоната, без оглед на поразот во петокот, Работнички – Жени се уште е поблиску до целта, но Работнички – Скопје стекна самодоверба пред меѓусебниот полуфинален двомеч во купот.

На останатите мечеви, Јанта волеј лесно го загуби натпреварот кај Наковски волеј (0-3), по што го загуби и четвртото место на табелата, а откако победи во Битола против Пелистер волеј, во елитниот квартет влезе Виктори волеј (1-3).

Во понеквалитетниот сегмент, Македонија Макс ја задржа стопроцентната серија пролетва и ја совлада Ускана (3-0), но водечки во ова друштво и натаму е составот на УГД Студент – Жени кој исто така со 3-0 во сетови беше подобар од Универзитет Тетово.