Наковски волеј загуби во Тетово, сигурни победи за Работнички и Виктори волеј

Најдобрите екипи од минатата сезона победнички ја отворија тековната, Универзитет во Тетово славеше над Наковски волеј во соочувањето на непоразените екипи до меѓусебниот дуел во саботата, а очекуван триумф забележа и Виктори волеј и го задржа максималниот ефект на табелата. Тоа се карактеристиките на третото коло во Првата лига за жени. Во групата А, тимот на Вардар жени кој лани беше првопласиран во моментот на прекин поради здравствената криза, во оваа првенствена рунда настапи првпат сезонава и ја оправда фаворитската улога на гостувањето кај младиот состав на Јанта волеј Форца.

Интересен меч одиграа Универзитет во Тетово и Наковски волеј, а по два пресврта, тетовки ја прекинаа лошата низа во одмерувањата на силите со се уште актуелниот вицепрвак во македонскиот куп. Со оглед дека имаат подобар сет-количник од саботните ривалки, струмичанки ја задржаа првата позиција на табелата, но со натпревар повеќе од Универзитет и дури два во однос на Вардар жени и на Фит фан волеј, кој во ова коло беше слободен. Македонија Макс и УГД Студент жени денеска ќе сервираат за прва победа откако беа поразени во единствената одиграна средба досега.

Фаворитот во групата Б, освојувачот на двојната круна од 2018/19, Работнички Скопје, беше убедлив против Ускана, која не можеше да го спречи третиот сезонски пораз. Виктори волеј, пак, се радува на совршен почеток затоа што го совлата Бами Кор со 3-0 и на два настапа досега нема загубен сет. Со тоа е на втората позција зад Пелистер волеј, кој денеска ќе ја пречека екипата на Струмица жени. Битолчанки досега остварија две максимални победи против Ускана и против Бами Кор, но пресметката со струмичанки за нив ќе биде прв вистински тест за можностите. Идентично како Вардар жени и Работнички Скопје, составот на Струмица жени во ова коло ќе има премиера во оваа сезона, а фактот што во ланската како дебитант оствари десет победи на 15 натпревари и беше во трка за пласман во лигашкото полуфинале, доволно илустрира дека на него треба сериозно да се смета. 

Група А (трето коло):
Јанта волеј Форца – Вардар жени 0-3 (16-25, 22-25, 14-25)
Универзитет во Тетово – Наковски волеј 3-2 (25-22, 20-25, 8-25, 25-23, 15-5) 
Македонија Макс – УГД Студент жени (денес, 19.00)
Слободен: Фит фан волеј

Група Б (трето коло):
Работнички Скопје – Ускана 3-0 (25-19, 25-16, 25-7) 
Виктори волеј – Бами Кор 3-0 (25-17, 25-9, 25-18) 
Пелистер волеј – Струмица жени (денес, 18.00)
Слободна: Јанта волеј Кисела вода