Наковски Волеј убедливо го надигра шампионот

Одбојкарките на Наковски Волеј радуваа со максимални 3-0 (25-19, 25-23, 25-18) над шампионот Јанта волеј во дербито од петтото коло од Првата лига жени. Македонските претставници во европските клупски купови понудија интересен натпревар, во кој домаќинот беше поконкретен и подисциплиниран во теренот. Пред својата публика струмичанки стигнаа до важни три бода, со кои истовремено ја продолжуваат и победничката низа во домашното првенство. За одбојкарките на Јанта, пак, ова е прв пораз во шампионатот сезонава.

Вардар ЕМ, пак, оствари значајна победа од 3-2 на гостински терен над Струмица Жени. „Црвено-црните“ имаа негатива од 0-2, но најдоа начин како да одговорат на играта на противникот и тоа во моментите кога беше најпотребно и со пресврт и на разлика 16-14, стигнаа до втората победа сезонава.

Втора победа во низа запишаа Газели Волеј во соочувањето со градскиот ривал Фит Фан волеј, 3-0, со која фаќаат победнички ритам. Младост УГД немаше проблеми во мечот против Ускана.
Петтото коло кај дамите ќе биде заокружено утре кога се соочуваат Работнички Скопје и Пелистер волеј.

Прва лига (ж)
Петто коло:

Младост УГД – Ускана  3-0 (25-15, 25-12, 25-14)
Наковски волеј – Јанта волеј КВ    3-0 (25-19, 25-23, 25-18)
Фит Фан волеј – Газели волеј   0-3 (16-25, 20-25, 16-25)
Струмица Жени – Вардар ЕМ    2-3 (25-18, 25-20, 17-25, 20-25, 14-16)
Работнички Скопје – Пелистер волеј    10 ноември