• Горан Упале
По неверојатниот пресврт и победа на Струмица во првото полуфинале против Работнички, и вториот дуел од завршниот турнир во Штип донесе голема борба и многу возбудувања. На крај победа и пласман во големото финале слави екипата на Јанта Волеј, која со 3-1 во сетови славеше над Наковски Волеј.
Одбојкарките на Јанта Волеј можеби не така сигурно и убедливо, но секако дека заслужено ја оправдаа фаворитската улога во ова полуфинале. Првиот сет го добија со 25-19, а откако Наковски волеј со идентичен резултат возврати и израмни на 1-1, во третиот сет квалитетот на Јанта Волеј дојде до израз и со 25-20 скопскиот тим поведе со 2-1. Во четвртиот сет, иако се очекуваше нова голема битка и нови возбудувања, одбојкарките на Наковски волеј потфрлија во целост и со 16-25 го загубија полуфиналето.
Во големото финале, кое што на програмата е в недела од 12:00 часот, Јанта Волеј ќе се судри со екипата на Струмица.