Наковски волеј го доби струмичкото дерби, драмата во Битола за тетовчанки

Одбојкарките на Наковски Волеј со 3-0 (25-23, 25-22, 25-19) во сетови славеа победа против градскиот ривал Струмица Жени, во дерби дуелот од шестото коло на женсккиот одбојкарски шампионат на Македонија.

Во спортската сала при СОУ „Димитар Влахов“ избраничките на Хари Наковски прикажаа постабилна игра во клучните моменти и освоија нови три бода на своето конто со кои се зацврстија на втората позиција на прволигашката табела.

Во драма во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, Универзитет во Тетово извојува победа во дуелот против Пелистер волеј со 2-3 (25-15, 23-25, 18-25, 25-23, 12-15). Ниту 23 поени на Србинката Ана Ивановиќ не му помогнаа на битолскиот клуб да ги освои сите бодови, но и со еден бод одбојкарките на Пелистер волеј не се незадоволни.

Дерби дуелот меѓу скопските екипи Јанта волеј и Работнички на програмата е во понеделник попладне во Кисела вода.