Наковски: Проблемите со болест го зедоа данокот, но нашата шанса за ЕП останува!

Одбојкарската репрезентација на Македонија го загуби вториот меч од квалификациите за Европското првенство, дома против Грција (1-3). Иако добро тргнаа, нашите одбојкари попуштија пред налетот на ривалот. 

По поразот својот став го сподели селекторот Хари Наковски. Тој нагласи дека не е сè загубено и Македонија има за што да се бори. 

„По маестралниот прв сет и падот во останатите, сепак Грција покажа квалитет. Тоа дојде до израз во продолжението од мечот. Тие не пореметија во вториот сет со ризичниот сервис, а ние имавме проблем со приемот и дистрибуцита.

Данокот на некомплетноста оваа седмица го даде тој резултат. Ако немавме проблем со болест и бевме комплетни, можеби ќе го одржевме ритамот и играта ќе беше друга. Грција е многу квалитетен тим. Нашата шанса осатанува. Имаме натпревари со Грузија дома и со Грција на гости. Со победа над Грузијците од 3-0 и некој освоен сет против Грците имаме шанси да одиме на Европско првенство“, изјави Наковски. 

Крајот на квалификациите и преостанатите два натпревари се закажани за следното лето. Македонија игра дома со Грузијците и ѝ гостува на Грција, а шансите за пласман на Европското првенство се реални.