Наковски: Одиме по потешкиот пат и ќе играме дерби, но сакаме нова Куп-титула!

Полуфиналното дерби во Купот на Македонија, каде се среќаваат Наковски Волеј и Младост УГД, ветува голема битка и возбудлива одбојка за сите љубители на овој спорт. 

Двата најдобри тимови во првенството досега обезбедија по една победа во меѓусебните дуели, а тренерот на Наковски Волеј, Хари Наковски, изјави дека сите во неговиот табор посакуваат трето финале во ова натпреварување. 

„Целата сезона ја одигравме на високо ниво, а единствен пораз во првенството е токму од утрешниот противник, Младост УГД. Тоа беше, се надевам, само еден лош ден за нас, кој нема да се повтори.

Верувам дека моите девојки ќе го дадат својот максимум и ќе обезбедиме второ финале во низа, трето во клупската историја. Се надевам дека бремето кое ни тежи како бранител на титулата, ќе можеме да го износиме.

Сметам дека е потешко да се одбрани титулата, а ние одиме по потешкиот пат. Ако даде Господ, ќе освоиме уште една Куп-титула“, изјави Наковски. 

„Финалето пред финалето“ помеѓу Наковски Волеј и Младост УГД ќе се одигра на 26 март, со почеток во 19:30 часот.