Најдобрите светски одбојкарски селекции пристигнуваат на Филипините

Следното светското одбојкарско првенство официјално ќе се одржи во 2025 година на Филипините, објави Меѓународната одбојкарска асоцијација (ФИВБ). 

Земјата-домаќин ја добива честа да ги нагости најдобрите светски репрезентации и ќе има нова можност за одржување на огромен спортски настан. Претходно, Филипините беа домаќини и на последното издание во Лигата на нации, а Мундијалот секако ќе биде „шлаг на тортата“ за сите љубители на одбојката. 

Според најавите, првенството ќе трае од 12 до 28 септември 2025 година, а вкупно 32 селекции ќе се борат за медалите на најголемиот планетарен собир. Претходното Светско првенство се одржа во Полска пред три години, а порано овој турнир се одржуваше на секои четири години. Актуелен светски владетел е репрезентацијата на Италија. 

Филипините ја добија довербата за организација на турнирот, а во најтесната конкуренција беа уште две азиски земји - Јапонија и Индонезија.