Најдобриот македонски одбојкар си замина од Германија

Никола Ѓорѓиев, најдобриот македонски одбојкар и капитен на репрезентацијата, си замина од редовите на Фридрисхафен и откако ќе се смири ситуацијата со коронавирусот во Европа ќе размислува што понатаму во кариерата.

Сезоната во Германија заврши, а Фридрисхафен финишира на третата позиција. Ѓорѓиев беше еден од најдобрите играчи, а имаше договор само една сезона. Нашиот најдобар одбојкар моментално е во родната Струмица каде е во самоизолација, како сите останати кои влегуваат во нашата држава од странство, поради коронавирусот.

Ѓорѓиев, кој во кариерата досега одигра 15 професионални сезони, во Германија пристигна од Јапонија каде играше една сезона. Претходно, коректорот беше дел и од Раднички (Србија), Форли (Италија), Мили Пјанго (Турција), Париз (Франција), Торај и Осака (Јапонија), како и Онико Варшава (Полска).