Награда за оваа генерација: Македонија на мегдан со фаворитот во Бари

Македонската одбојкарска репрезентација ја исполни целта и првпат во историјата ќе настапи во нокаут фазата на едно големо натпреварување. Сепак, во осминафиналето „спартанците“ налетаа на веројатно првиот фаворит за златото на Европското првенство, селекцијата на Италија. 

По успешната групна фаза организирана во Скопје, македонските одбојкари со две победи над Данска и Црна Гора, како и трите порази од поквалитетните Полска, Холандија и Чешка, се преселија во Бари. А, таму, ги чека најтешката мисија за било која селекција на овој турнир, дуел со домаќинот Италија. „Аѕурите“ во квалитетната група завршија убедливи, со пет победи и само два загубени сета, во последниот меч кој не решаваше ништо против Германците. Поради тоа, јасно е дека се апсолутен фаворит против нашата селекција, но и во преостанатиот дел од турнирот.

Избраниците на Јошко Миленковски се без резултатски притисок. Овој натпревар е награда за Никола Ѓорѓиев, Александар Љафтов, Владо Милев, Ангеловски, Деспотовски... како и сите останати членови на оваа репрезентација кои минаа низ „сито и решето“ за да стигнат дотука. Пред десетина години кога се појавија надежите за настап меѓу најдобрите во Европа, прво се гледаше само да се учествува, а потоа пораснаа и апетитите. Ете, Македонија ќе заигра и во втората фаза на голем турнир, меѓу шеснаесетте најдобри на континентот. За жал, во осминафиналето налета на еден големец од рангот на Полска и треба да ужива во престојот и натпреварот во Бари. 

Победникот од натпреварот меѓу Италија и Македонија кој се игра попладнево во 18:00 часот, во четвртфиналето оди на мегдан со подобриот од дуелот на Холандија и Германија.