Моќно издание на Италија, Бразил не се ни испоти против Јапонија

Женската репрезентација на Италија ја забележа втората победа во групата Ц на Олимписките игри, славејќи со убедливи 3-0 над Холандија, по сетови 29-27, 25-18 и 25-19. 

Италијанките од самиот старт наметнаа силно темпо и тргнаа кон посакуваниот триумф, со кој и дефинитивно си обезбедија пласман во елиминациската фаза од турнирот. Холандија немаше одговор за фаворитот, иако одигра одлично во првиот сет, но тоа беше сѐ што прикажаа „лалињата“ на овој натпревар. 

„Аѕурите“ го потврдија учеството во четвртфиналето, а во последното коло ќе го одиграат дербито против Турција, во кое ќе се обидат да ја задржат првата позиција во групата. 

Идентична победа како на тренинг запиша и Бразил, кој попладнево за нешто повеќе од еден час си ја заврши работата против Јапонија, победувајќи ја со 3-0 (25-20, 25-17, 25-18).