Моќната Џио Струмица го збриша Вардар, за 12/12 во мак-одбојката

Екипата на Џио Струмица уште еднаш потврди дека е најдобра екипа во одбојкарскиот шампионат на Македонија. Избраниците на Ричлиев ја казнија секоја грешка на Вардар и во дербито славеа со 0-3 (21-25,16-25, 15-25), со што остануваат единствени без неуспех на домашната сцена.

Вардар, кој претрпе доста промени оваа зима, со добра игра беше рамноправен само во првиот сет, кога му даваше голем отпор на противникот, а се останато беше во знакот на гостинот од Струмица. ЏИО Струмица по овој меч има 12 победи на 12 меча и само два загубени сета.

Најдобар поентер кај победникот беше Милев со 14 поени, десет имаше Михаилов, по девет Николов и Наков, додека кај Вардар, бугарскиот интернационалец Колев заврши со осум поени, Топалов реализира четири, а Американецот Чапел со пет поени.

Универзитет во Тетово ја потврди фаворитската улога против ГОК Борец на домашен терен со 3-0 во третото коло од Втората фаза-1 во одбојкарската Прва лига и по очекуваниот резултат, успеаја да скокнат на второто место на табелата.

Во третото коло од Втората фаза-2, односно во трката за пласман од 5-10 место во конечното рангирање, Шкендија славеше во локалното дерби со Лирија со 3-1 и ја задржа предноста од една победа во однос на второпласираниот Штип УГД Штип, кој беше подобар од Дибра волеј пред своја публика со 3-0. Шкендија има седум победи, штипскиот тим шест, а Лирија пет, па сега е под притисок на Весна Пробиштип, која четвртиот успех сезонава го забележа против Јанта волеј. По овој пораз, на екипата од Кисела вода и преостанува да игра за да остане да котира повисоко од Дибра волеј.

  • Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (3.коло)

Универзитет во Тетово – ГОК Борец 3-0 (25-10, 25-18, 25-21)
Вардар – Џио Струмица 0-3 (21-25,16-25, 15-25)

  • Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (3.коло)

Лирија – Шкендија 1-3 (25-20, 20-25, 21-25, 18-25)
Штип УГД Штип – Дибра волеј 3-0 (25-19, 25-11, 25-23)
Весна Пробиштип – Јанта волеј 3-0 (25-14, 26-24, 25-19)