Моќен старт на Србија, збришан во три сета европскиот вицешампион Германија

Вториот ден од Европското првенство во одбојка во машка конкуренција започна со убедлив настап на Србија на отворањето на белгиските групи. Во Брисел, „орлите“ со новиот селектор Слободан Ковач (го наследи Никола Грбиќ по неуспехот на Олимписките квалификации) ја совладаа Германија со 3-0 во сетови (25-21, 25-17, 25-15).

Многу полесно од предвиденото српските одбојкари го надиграа европскиот вицешампион од пред две години. Атанасијевиќ и Подрашчанин се потврдија како лидери на оваа генерација. Во оваа група попладнево уште играат Словачка - Шпанија и Австрија - Белгија.

Први бодови на шампионатот освои и Украина, која во четири сета ја надиграа чешката селекција. „Жолто-сините“ извојуваа победа со 3-1 во сетови (25-21, 19-25, 25-19, 25-22). 

Попладнево во оваа група во Холандија уште се среќаваат Естонија - Полска и Холандија - Црна Гора.