Милков: Оваа Македонија знаела да ги победи фаворитите, нека биде така и против Финска! 

Македонските одбојкари ги финализираат подготовките за историскиот настап на Европското првенство во Словенија, а еден од најискусните во нашиот табор Александар Милков верува во оваа селекција дека може со победа да го стартува континенталнот собир. 

Македонија утре ќе дебитира на европска сцена и први бодови ќе брка против селекцијата на Финска.

„Мислам дека одработивме одлични подготовки. Најважно е тоа што сме сите здрави и во оптимална форма. Сите знаеме дека овој натпревар ни е најважниот на првенството и доколку го добиеме ќе ни помогне многу во понатамошните настапи. Мотивацијата ни е на највисоко ниво, атмосферата е одлична, а добро е тоа што секогаш кога играме против фаворити знаеме како да ги победиме“, рече Милков.

Натпреварот против Финците на програмата е утре од 17:30 часот.