• Саше Љолес
Репрезентативецот на Македонија, Владо Милев, ги изнесе своите очекувања од подготовките за Европското одбојкарско првенство, каде нашата селекција ќе има исклучително тешки противници.
„Спартанците“ тренираат во салата „Јане Сандански“ во Скопје, а Милев вели дека атмосферата е одлична и е среќен што може да го пренесе своето искуство и на помладите колеги.
„Подготовките течат во најдобар ред. Атмосферата е одлична, работиме со полн интензитет и сакаме да бидеме во добра форма пред почетокот на Европското првенство.
Ние како поискусни одбојкари сакаме да го пренесеме знаењето на нашите помлади колеги, од кои во иднина се очекува да бидат носители на играта.
Оваа година чувствувам малку поразлична енергија. За некого ова ќе биде прво Европско, за некого четврто во низа, а за некого можеби и последно во кариерата.
Сите сакаме да се претставиме во најдобро светло и да забележиме добри резултати на континенталниот турнир“, заклучи Милев.
Македонија ќе го започне настапот на Европското првенство на деветти септември. Играме во групата Б, заедно со селекциите на Бугарија, Полска, Португалија, Украина и Израел.