Милев: Треба да се поправиме во секој елемент, мислам дека го можеме тоа

Македонската одбојкарска репрезентација можеби потешко од очекуваното го направи првиот чекор кон ново учество на едно Европско првенство, откако во премиерното коло од квалификациите со 3-1 во сетови ја совлада селекцијата на Босна и Херцеговина. 

Еден од најдобрите одбојкари во вчерашниот меч со Босанците, Владо Милев не е задоволен од прикажаната игра на целиот тим и вели дека во следните натпревари ќе мораат да се поправат во секој елемент, доколку сакаат нов успех. 

„Лесен е одговорот на прашањето што треба да поправиме во нашата игра. Треба да поправиме сè, да бидеме многу подобри во секој елемент. Да се браниме подобро, да го организираме нападот за посигурни позиции и да бидеме поефикасни во реализацијата. Долго сум во репрезентацијата и мислам дека можеме да го направиме тоа“, вели Милев.

Примачот во македонскиот селекцијата против Босна и Херцеговина одигра добар натпревар со 13 поени (12 од напад и еден блок). 

Македонските одбојкари денеска одмораат и ќе го гледаат дуелот на нашиот утрешен противник Турција против Босна и Херцеговина. Тоа ќе биде добра можност да се анализираат капацитетите на составот на селекторот Недим Озбеј без оглед што денешните тренинзи ние треба да ги искористиме и за корекција на нашата игра.