Милев: Очекувањата се високи, клучни ќе бидат дуелите со Финска и Шпанија (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Македонија во одбојка ги комплетираше подготовките во Скопје, па веќе утре патува за Тампере каде што ќе настапи на своето второ Европско првенство. 

Во пресрет на турнирот, своето мислење го изнесе еден од најискусните репрезентативци, Владо Милев. 34-годишникот е оптимист, верува во соиграчите и тимот, па смета дека Македонија може да ја мине групната фаза. 

„Привршуваме со последните тренинзи во Скопје, а сите погледи веќе се насочени кон Финска и Европското првенство кое ни следи. Претходно игравме натпревари против Финска, Турција и Русија, а со Шпанија и Холандија ќе играме прв пат. Очекувањата се високи, поискусни сме за едно Европско првенство и мислам дека клучни ќе бидат дуелите со Финска и Шпанија. 

Ние сме репрезентација, која кога верува во себе може да игра со секого. На хартија сме аутсајдери и тоа треба да го искористиме и да ги изненадиме противниците. Можеме да одиграме добро против секој ривал, мора да ја држиме мотивацијата на високо ниво. Ние веќе знаеме како да се бодриме, мотивираме и надополнуваме во играта и јас сум оптимист дека може да оствариме две победи, а со малку среќа да се пласираме и во втората рунда“, изјави Милев.

  • Целосната изјава на Владо Милев: 

На Европското првенство, Македонија ќе игра во групата Ц во Тампере, а ривали ќе ѝ бидат Русија, Финска, Шпанија, Холандија и Турција. Од шесте селекции, четири одат понатаму, а две победи веројатно би биле доволни за пласман во осминафиналето.