Милев: Ја имаме меч-топката во наши раце, мора да ја совладаме Грција

Македонската одбојкарска репрезентација со полна пареа се подготвува за вториот квалификациски натпревар за Европското првенство, каде со евентуална победа над Грција ќе го завериме пласманот на континенталниот собир. 

Голем оптимист во пресрет на мечот со јужниот сосед е репрезентативецот Владо Милев, кој вели дека Македонија е на одличен пат да обезбеди учество на уште едно големо натпреварување. 

„Ова е голема шанса за нас и нашата селекција. Ја имаме меч-топката во нашите раце и се надевам дека максимално ќе ја искористиме. Можеме четврти пат по ред да учествуваме на Европско првенство и тоа ќе биде одличен успех за нас. 

Работиме на анализа на противникот, се подготвуваме со максимален пристап и не отстапуваме од нашите планови. Овој меч ќе биде скоро пресуден за пласман на турнирот, па затоа сметам дека мора да одиграме квалитетно против Грција, која не е наивен противник“, изјави Милев. 

Македонија ќе ја пречека Грција на 25 август во салата „Јане Сандански“. Мечот е закажан за терминот во 20:15 часот, а влезот за сите љубители на одбојката ќе биде слободен.