Милев: Имаме убав спој на тим, мора добро да го искористиме

Во мирна и работна атмосфера, веќе трет ден течат подготовките на машкиот национален тим во Струмица. Селекторот Јошко Миленкоски и стручниот штаб без проблеми ја реализираат предвидената програма за оваа фаза од темпирањето на формата за учеството во Европската Златна лига 2025.

Како играч со најдолг репрезентативен стаж и најголемо искуство, Владо Милев ќе биде еден од репрезентативците, кој ќе понесе голем товар, не само во претстојните натпревари од Европската лига, туку и за евро-квалификациите во август. Тој е свесен за предизвикот кој ги очекува и размислува позитивно.

„Имаме спој на младост и искуство и преку Европската Златна лига треба да ја темпираме формата за квалификациите за ЕП во август. Тука сме да одиграме квалитетни натпревари, да се надигруваме и да оствариме и некаков резултат. Имаме доволно време и простор, и услови да се подготвиме што е можно подобро и оваа година да имаме успешен настап во Европската лига, да направиме и чекор погоре, ако е можно, и што поподготвени да ги дочекаме евро-квалификациите. Доколку имаме можност зошто да не размислуваме и за Ф4 во Златната лига, но да одиме чекор по чекор“, заклучува еден од предводниците на нашата репрезентација, Владо Милев.

Македонските репрезентативци првата фаза од подготовките за Европската Златна лига 2025 ќе ја одработат во Струмица, а потоа патуваат за Марибор, каде на 24 и 25 мај играат пријателски двомеч со Хрватска.

ФОТО: Одбојкарска федерација на Македонија / Роберт Спасовски