• Горан Упале

48-то издание на Меморијалниот турнир "Бранко Хаџииљоски Чајка" ќе биде последен тест за македонските одбојкари пред квалификациите за Европското првенство во 2026 година.
Нашиот примач Владо Милев верува дека има елементи што може да ги поправиме до натпреварите со Грузија на 17 август во Тбилиси и со Грција на 25. август во Скопје. А шанса за корекција и за напредок е токму турнирот „Чајка“.
„Одигравме неколку квалитетни пријателски натпревари и може да се заклучи дека играта и формата одат во нагорна линија. Сè уште не сме на нашиот максимум, но сметам дека имаме уште неколку контролни натпревари и доволно време да се спремиме за важните натпревари против Грузија и Грција.
Има простор за напредок, не можам да не бидам задоволен од досега прикажаното. Сигурно можеме да бидеме подобри, како на физички така и на технички план“, рече Милев.
Денес во салата „Парк" во Струмица од 19:00 часот, Македонија ќе игра со Косово, а в сабота во истиот термин со Израел. Утре силите ќе ги одмерат гостите на традиционалниот турнир.