• Иван Димовски
Репрезентацијата на Македонија го заврши одбојкарското Европско првенство со пораз во осминафиналето од фаворитот Италија со 3-0. Домаќинот во Бари одигра „атомска“ одбојка и сосема очекувано и заслужено слави без загубен сет.
Нашите одбојкари парираа само во првиот сет, а по мечот реалната слика ја пренесе селекторот Јошко Миленковски. Тој нагласи дека треба да сме горди што се дојде до осминафинале, без оглед на исходот на овој натпревар.
„Заврши уште една епизода од нашите кариери, на едно спектакуларно Европско првенство. Тоа што го имавме ние во Скопје, го имаше Италија тука. Да не заборавиме, игравме против актуелниот европски и светски првак. Одамна немам видено некој вака да демонстрира сила, тешко е да се парира на ваква селекција. Навистина беше тешко, имаше многу напади над нашиот блок. Тоа што го видовме денес, беа супериорни во многу сегменти.
Одигравме добар прв сет, меѓутоа понатаму Италија почна да сервира поагресивно и ни направи проблем. Ако не игравме брзо, немавме шанси против нивниот троен блок. Беа подобри и им честитавме, во вакви моменти нема што друго да сторите. Сметам дека тие ќе бидат еден од двата финалисти, ако сè оди според планот. Ја имавме таа среќа и привилегија, да кажеме дека сме играле со двете најдобри екипи во Европа. Треба да најдеме задоволство во тоа што дојдовме да играме еден ваков натпревар“, изјави Миленковски.
Македонија ја затвори оваа етапа, Европското првенство го финишира со две победи над Данска и Црна Гора, како и порази од поквалитетните Холандија, Чешка, Полска и Италија.