Миленковски: Сакам да создадеме наш сопствен стил и да играме брза и модерна одбојка!

Машката одбојкарска селекција за два дена ја започнува новата авантура во Европската златна лига.

Овие натпревари на нашите најдобри одбојкари ќе биде еден вид на подготовка за она што следува во август и за септември кога Македонија ќе организира една од групите на машкото Европско првенство. Прв противник на Македонија во Европската златна лига ќе биде селекцијата на Украина. 

„Тука сме за што подобро да се подготвиме за Европското првенство. Тоа ќе биде еден од најголемите настани во нашата спортска историја, посебно во одбојкарската. Исто така, значаен предизвик за нас ќе биде првото наше учество во Европската златна лига. Подготовките се пред самиот крај, се спремаме за мечот со Украина, противник кој ќе цели кон првите две места и пласман во Светската лига.

Нашите амбиции се да одиграме квалитетен натпревар, и мислам дека сме одлично подготвени за натпреварот, но и противникот ќе биде подготвен. Ќе биде вистински предизвик за нас и затоа ќе се претставиме во најдобро светло“, рече новиот предводник на Македонија, Јошко Миленковски.

Искусниот стручњак посакува Македонија да изгради свој стил и да игра брза и модерна одбојка.

„Она што сакаме да го направиме е да создадеме наш сопствен стил на игра - брза, модерна одбојка. На добар пат сме. Континуитетот на настапи на Европските шампионати е тука и треба да се искористи. Пред се домашниот терен и големата поддршка од трибините која што ја очекуваме во Скопје. Нашите амбиции се да го поминеме првиот круг. Нема да биде лесно, но веруваме во тоа“, додаде селекторот.

Покрај со Украина, Македонија во Европската Златна лига е во група со Хрватска и Белгија. Натпреварот со Украинците е закажан в сабота.