• Мартин Танасковски

Јошко Миленковски од следната сезона ќе ја води екипата на ПАОК. Одбојкарскиот тренер започнува нова авантура и веќе беше промовиран во грчкиот претставник. Најтрофејниот македонски стручњак, по авантурата во Црна Гора, сега преоѓа во Грција. Миленковски има богата кариера зад себе, водеше екипи како Работнички, Нико Доага, Борец, Финикас Сирос, а беше селектор на Македонија и Турција.
„Многу сум среќен што ќе имам шанса да го водам еден од најдобрите клубови во Грција кој е посилен од година во година. Истовремено е и чест да се биде дел од семејството на ПАОК. Тешка сезона е пред нас, нашата цел е да се бориме за сите титули. Ќе го дадам најдоброто од себе да успееме во нашата намера. Сакам мојот тим да игра убава одбојка и навивачите да се среќни. Верувам дека со овој ростер кој го градиме ќе ги оствариме нашите цели“, изјави Миленковски.
Во Македонија, Миленковски дојде до бројката од 28 трофеи, од кои дури петнаесет беа првенствени со Работнички, а останатите тринаесет во Купот, каде што еднаш славеше и со Борец.
Асистент на Миленковски во редовите на ПАОК ќе му биде Валантис Мамаис.