• Иван Димовски
Подготовките на машката одбојкарска репрезентација на Македонија за Европското првенство се одвиваат според планираното, а првата фаза во Крушево е целосно насочена кон физичката подготовка и основната индивидуална техника.
Сениорите до 15 август ќе работат во Крушево, каде имаат одлични услови за тренинг и два тренинга дневно. Своето гледиште за сработеното досега го изнесе селекторот Јошко Миленкоски.
„Сѐ оди според планот. Екипата, но и стручниот штаб се комплетирани, дел од младите одбојкари кои се на поширокиот список на А тимот тренираат тука и со селекцијата до 20 години. Имаме по два тренинга дневно, едноподруго сме во сала со младите, и во целост ја спроведуваме предвидената програма. Скоро по цел ден сме во сала. Конкретно кај сениорската репрезентација сѐ е во најдобар ред. Како што планиравме акцентот е ставен на физичката подготовка и основната индивидуална техника за да може подготвени да влеземе во следната фаза на техничко- тактичка подготовка. Имаме одлични и временски услови во Крушево, комплетна сала на располагање и го користиме максимумот од тоа. Задоволен сум од тоа како се одвиваат подготовките и веруваме дека следниот период ќе продолжиме со квалитетната работа и на уште повисоко ниво“, изјави Миленкоски.
По завршувањето на првата фаза, репрезентацијата се сели во Скопје, каде подготовките ќе продолжат во СЦ „Јане Сандански“. Во втората фаза се планирани и три контролни натпревари на почетокот на септември, пред заминувањето на Европското првенство во Софија.
Македонија ќе го има четвртиот последователен настап на континенталните првенства, а на континенталниот шампионат ќе биде во групата Б со домаќинот Бугарија, Полска, Португалија, Украина и Израел. Нашата делегација на 7 септември ќе патува за Софија, а настапот на Европското првенство ќе го отвори на 9 септември од 20:00 часот против домаќинот Бугарија.