Миленкоски: Приоритет е да играме втор круг на Европското првенство

Машката одбојкарска селекција на Македонија доби нов селектор. По пауза од петнаесет години на кормилото на нашите одбојкари се враќа Јошко Миленкоски, најтрофејниот македонски тренер во историјата.

Актуелниот тренер на ПАОК ќе има сериозен предизвик пред себе, затоа што во текот на летото ќе ја предводи Македонија на Златната Европска лига, како и на Европското првенство за сениори, на кое нашата земја ќе биде коорганизатор заедно со Италија, Бугарија и Израел.

„И претходно со ова раководство сме имале контакти за враќање на оваа позиција, ама приликите не биле такви и немало можност да се оствари и поради мојот ангажман на клупски и репрезентативен план во странство и целата таа интернационална кариера. Меѓутоа, сега дојде тој момент за македонската одбојка која ја чекаат важни настани и треба да го задржи рејтингот кој го градеше изминатиот период додека бев отсутен од сите случувања. Ова раководство имаше многу активности, преку Европската лига и Европското првенство кое ќе биде третото во низа. Сега е можноста да се направи нешто повеќе, не само да се настапува, туку како резултат.

Задоволството е огромно по долго време да се биде тука. Ќе биде возбудливо пак да се биде во репрезентацијата, тоа ми недостасуваше и може да биде една круна на кариерата и за крај на кариерата. Колку долго ќе бидам на оваа позиција, ќе видиме. Основно е да го поминеме ова лето, а потоа да се бара решение затоа што имаме други идеи, пред се во едукација на тренери, школа на одбојката, што ќе биде приоритет за во иднина. Тоа беше и мотивот да ја прифатам оваа функција и она кое ме водеше, а за резултатите ќе говориме кога ќе правиме анализа на групата. Еден од приоритетите е успех на Европското првенство и добар резултат, а тоа би било пласман во вториот круг. Имаме предност затоа што играме дома, но мора многу работа, тренинг и натпревари за да се подигнеме на највисоко можно ниво во моментот на ЕП.“, изјави Миленкоски на промоцијата.

Миленкоски со големи успеси го води ПАОК, клуб со кој во моментов се натпреварува за шампионската титула во грчкиот шампионат. Македонија на Европското првенство ќе се натпреварува во групата Ц, а за ривали ќе ги има светскиот одбојкарски џин Полска, поранешниот олимписки првак Холандија, како и Чешка, Данска и Црна Гора.