• Горан Упале

Украина, Белгија и Хрватска се силни репрезентации коишто ќе ја исцртаат вистинската слика за сегашното ниво на македонските одбојкари. Во годината со повеќе од 20 натпревари и околу 100 тренинзи, главната насоченост е Европското првенство чијшто коорганизатор ќе биде Македонија, но тоа не значи дека настапот во Европската златна лига ќе има рекреативен карактер за нашата репрезентација.
Самиот факт што црвено-жолтите се повторно во највисокиот сегмент од годишното натпреварување на ЦЕВ е доволен предизвик, независно од идејата македонската репрезентација да го достигне врвот во август и во септември на континенталниот собир.
„Работевме со дваесетмина одбојкари, а по денешниот ден за одмор, ќе продолжиме со четворица помалку. Влегуваме во завршна фаза од подготовките, па на тренинзите ќе им посветиме поголемо внимание на играчите коишто ќе го носат главниот товар.
За Лоѓ во Полска, каде што в сабота ќе го играме првиот натпревар со Украина, ќе патуваат 14-мина одбојкари, така што дополнително ќе го скратиме списокот, но во ЦЕВ сите се пријавени за настап, па постои можност да менуваме и сигурно ќе го направиме тоа“, вели селекторот Јошко Миленкоски.
Во периодот од 27 овој месец до 18 јуни, Македонија ќе одигра шест меча во Европската златна лига. Најпрво со Украина на гости, па потоа со Белгија и со Хрватска дома, пред двете гостувања по ред кај истите противници, а групата Б ќе ја затвориме со домашен дуел против Украина.
Само првопласираните национални тимови во трите групи ќе се најдат на завршниот турнир во Задар на 24 и на 25 јуни, а во нашата група постои можност и за вториот, но само под услов Хрватска да биде на чело на табелата по шесте кола.