• Саше Љолес

Одбојкарската репрезентација на Македонија ја започна мисијата за настап во Европската лига, а селекторот Јошко Миленкоски ги изнесе своите очекувања на првиот собир во Крушево.
Репрезентативците полека го комплетираат тимот и ги насочуваат мислите кон тешките предизвици во текот на месец јуни. Миленкоски на располагање ќе има подмладен состав, но најавува голема борба на сите мечеви против тешките противници.
„Почнуваме една седмица порано од предвиденото, со подмладен состав, што е пракса во Европа и во светот во овој период од подготовките, особено поради тоа што голем дел од играчите со статус на интернационалци и натаму имаат клупски обврски.
Тоа што сме со редуциран број на искусни играчи дава шанса помладите одбојкари кои се на поширок список да добијат повеќе простор и внимание. Раниот старт на подготовките има за цел одбојкарите кои имаа подолга пауза да бидат на идентично ниво со оние кои ќе ни се приклучат на 13. мај, а се во полна натпреварувачка форма.
Така ќе можеме директно да продолжиме со техничко-тактичка подготовка и да темпираме форма прво за пријателските натпревари со Црна Гора на крајот на мај, а потоа и за Европската лига.
Овие подготовки имаат и една друга цел - да ги видиме моменталните квалитети, предиспозиции и перспектива, и да тестираме поголем дел на млади одбојкари, кои се дел од кадетската и младинската селекција. Отсуството на поискусните во моментов го користиме за да пробаме дел од младинските репрезентативци, кои во август ќе бидат дел од У20 селекцијата која ќе игра зонски квалификации за ЕП во нивната возрасна категорија.
Ова е шанса да ги видиме можностите за да имаме јасна слика и на што може да сметаме во иднина. Имаме добар план и на добар пат сме и со сениорите да стигнеме до едно добро ниво, но и младинската селекција да добие добра база. Истовремено ќе видат младите какви се методите на работа во сениорската репрезентација од која се надеваме дека во блиска иднина ќе бидат сериозен дел“, изјави селекторот Миленкоски.
Македонија наскоро ќе го комплетира ростерот, по што ќе започне со подготовки за претстојните мечеви во Европската лига. Противници ќе ни бидат репрезентациите на Холандија, Израел, Луксембург, Грција, Исланд и Косово.