Миленкоски: Голема чест е да бидеме дел од светскиот одбојкарски „крем“

Селекторот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Јошко Миленковски, изрази големо задоволство од присуството на нашите „спартанци“ во друштво на светскиот одбојкарски крем и очекува мотивиран пристап за дуелот со исклучително силната Италија.

„Еве нѐ и нас во Италија. Македонија конечно е дел од најдобрите светски тимови, тука е присутен самиот крем на одбојката. Заедно со нас допатуваа и репрезентациите од нашата група, а ние со мислите сме на тешкиот двобој со Италија. Тие се големи фаворити и сакаат да го одбранат европското злато, но и ние нема да излеземе со „бело знаме“. 

Чест ми е што ќе имаме прилика да ги одмериме силите со најдобрите на светот. Ќе играме пред полни трибини и очекувам прекрасна атмосфера. Ова е предизвик кој ние ретко можеме да го доживееме, затоа сакам да го дадеме најдоброто од себе. Го живееме нашиот сон, успеавме да се пласираме во најдобрите 16 европски селекции и навистина сме среќни поради тоа. 

Дел од играчите имаат настинка, но не бараме никакво алиби. Не знам дали можеме до сензација против Италија, но сите мора да го дадеме максимумот. Момчињата ќе заборават на сите настинки и проблеми и ќе истрчаат на теренот со огромна желба за успешен настап“, заклучи селекторот Миленкоски. 

Македонија за првпат во историјата се пласираше во осминафинале на Европско првенство во одбојка. Нашите момчиња со две победи во групната фаза ја обезбедија „визата“ за Бари, а мечот со Италија ќе биде навистина тежок, но ќе претставува круна на сето она што нашите „спартанци“ го вложија за овој континентален собир.