Миленкоски го скрати списокот за Украина, отпаднаа четворица одбојкари

Машката одбојкарска селекција на Македонија ги започна финалните подготовки за она што ѝ претстои кон крајот на оваа недела – дуел со Украина во рамки од Европската златна лига.

Нашите најдобри одбојкари в петок во полскиот град Лоѓ ќе се судрат со Украина, а селекторот Јошко Миленкоски беше приморан да го скрати ростерот и во следниот период ќе тренира само со одбојкарите на кои ќе смета за овој дуел.

Тренинзите во Скопје ги продолжија шеснаесет играчи за да биде ставен фокус на подготовките за дуелот со Украинците. Техничарите Давид Стојанов и Ефтим Ричлиев, коректорот Стефан Алексов и примачот Стојче Арсов од денес не се со националниот тим. Селекторот Јошко Миленкоски објасни дека тие не се избришани од списокот, напротив на нив сериозно се смета, но сега е потребно на тренинзите да се работи повеќе со одбојкарите коишто ќе истрчаат на теренот против Украинците.

Покрај дуелите со Украина, нашите одбојкари во Европската златна лига ќе се сретнат уште со Хрватска и Белгија.