Михајловиќ ги собра најдобрите македонски одбојкарки до 19 години пред евро-квалификациите

Февруари е исклучително фрекфентен месец со четири првенствени кола и со три термини за купот, македонската репрезентација за одбојкарки до 19 години повторно е на собир подготвувајќи се за настапот на Европското првенство наредната година, чијшто домаќин ќе биде ОФМ. Селекторот Ненад Михајловиќ и неговиот стручен штаб сакаат максимално да го искористат секој можен период за да го исполнат планот, па во овие четири дена (од вчера до четврток) работат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Во споредба со подготовките во Берово минатиот месец кога за две недели националниот тим одржа 21 тренинг, а играше и пријателски натпревари, на списокот на Михајловиќ со осумнаесет одбојкарки има три промени. Овој пат во составот не се Анастасија Ристевска, Стефани Најдановска и Катерина Чочовска, а повторно повик добија Ира Делеска, Кала Дренковска и Мила Долдурова. На тековниот собир во Скопје се шест девојки од Јанта волеј Форца, пет од Вардар ЕМ, три од Наковски волеј, две од Пелистер волеј и по една одбојкарка од УГД Студент и од Струмица жени.

На февруарските тренинзи присуствуваат: Ива Чадиковска, Мери Бошковска, Анастасија Овнарска, Ива Стојкоска, Ира Делеска, Надица Антеска (Јанта волеј Форца), Ана Јаничиќ, Теодора Шукуловска, Зорана Станковска, Кала Дренковска, Марија Василевска (Вардар ЕМ), Меланија Каралиоска, Михаела Цветаноска (Пелистер волеј), Мила Вакувска (УГД Студент), Мила Долдурова (Струмица жени), Добрина Хаџи Тосева, Тинка Недева и Марија Пакетова (Наковски волеј).