Матијашевиќ: Жал ми е што сами не решаваме за пласман на ЕП

По поразот во Украина во саботата и победата на Швајцарија над Унгарија, на македонските одбојкари им е потребна победа од 3-0 против Унгарија на домашен терен во салата „Кале“ за да го осигураат второто место во групата.

Унгарците немаат шанса да се квалификуваат, а „црвено-жолтите“ сè уште се надеваат дека ќе обезбедат виза за Европското првенство. За да им се оствари сонот, покрај победа во последниот натпревар, потребно е да бидат исполнети уште два услова. Првиот е Летонија да го победи Израел во Јелгава, а вториот Шведска да триумфира против Азербејџан во Стокхолм.

„Во Украина не бевме фаворити, сега ќе бидеме, но тоа треба да го покажеме на терен. Им реков на играчите дека натпреварот треба да го почнеме исклучително мотивирани и ако можеме да ги разбиеме, пред се со нашиот сервис. Жал ми е што не решаваме сами затоа што во таков случај убеден сум дека салата ќе беше преполна, но се надевам дека и сега гледачите ќе дојдат да ни помогнат за да оствариме победа, а со тоа да ги задржиме шансите за пласман“, вели селекторот 
Никола Матијашевиќ.

На првиот натпревар во Будимпешта во август, Македонија победи со 3-2 во изедначен натпревар во којшто сите пет сета завршија со разлика од два поена.