Матијашевиќ: Тешко ми паѓа како загубивме во третиот сет, сега треба да останеме заедно

Само еден рамноправен сет и нов убедлив пораз во три сета драстично ја компромитираат нашата иднина на Европското првенство во одбојка. Турците беа помоќни и во три сета ја завршија работата.

Селекторот Никола Матијашевиќ по натпреварот го призна поразот и покажа загриженост заради начинот на кој се одигра третиот сет. 

„Првите два сета мислам дека не игравме лошо, дури и вториот можевме да го добиеме. Но, тешко ми паѓа како игравме во третиот сет. Ни падна моралот и тоа е загрижувачко. За мене најбитно е екипата да остане заедно, посебно по еден ваков натпревар кој го расипува впечатокот.

Треба да останеме дисциплинирани, да стекнеме уште повеќе искуство. Ние не сме лудаци кои мислат дека сега ние ќе ја победиме Русија. Треба што поангажирано и посериозно да одиграме и натпреварот да ни послужи за подготовка за натпреварот со Белорусија. Да не чекаме четири првенства за првата победа на Европските првенства“, рече селекторот.  

Со еден освоен и шест загубени сета и два силни ривали, со кои треба да играме во следните три кола, нашите шанси за пласман во следната фаза се сведени на теорија.