Матијашевиќ: Не мислиме на ривалите, работиме само на нас и нашата игра

Македонските одбојкари активно работат на првата фаза на подготовки за Европското првенство. Селекторот Никола Матијашевиќ ги проверува играчите и нивната форма, а истовремено скенира и одбојкари кои не беа во националниот тим.

На тренинзите се младите Лука Костиќ и Стојан Николов, а тука е и Ристо Николов, средниот блокер од Струмица. Селекторот вели дека идејата е да се соберат повеќе имиња кои ќе конкурираат за националниот тим на дебитантското ЕП за нас.

„Идејата беше да соберам повеќе одбојкари, односно да ги видам оние што не беа претходно со нас, како на пример младите примачи Костиќ и Николов, а на тренинг со нас беше и Ристо Николов од Џио Струмица. Задоволен сум од нивниот потенцијал, ќе ги повикам на подготовките во Маврово, а тоа значи дека ќе конкурираат во тимот за ЕП“, вели Матијашевиќ.

Македонија веќе ги знае ривалите во групата, но селекторот вели дека е рано да се подготвуваме за нив, затоа што се уште не се познати нивните состави. Приоритет е да се работи на нашата форма.

„Рано е да мислиме на ривалите, сега работиме на нашата игра и треба уште многу да работиме. Се уште не ги знаеме составите на противниците, така што не може да се подготвуваме конкретно за нив. Кога нашите противници ќе се комплетираат, ќе се подготвуваме детално за нив“, додава предводникот.

Македонија ќе игра на Европското првенство во група во Словенија, во септември. Наредниот собир на одбојкарите ќе биде на 14 јули во Маврово, каде ќе се темпира форма еден месец, пред контролните натпревари.