Матијашевиќ: Не е важно на кое место ќе завршиме, целта ни е ЕП

Македонските одбојкари се во завршна фаза од подготовките за почетокот на квалификациите за Европското првенство во Полска, Чешка, Естонија и Финска, кое се игра во септември годинава. 

По дебито на континенталните собири во Љубљана во 2019, целта на нашата одбојкарска репрезентација е јасна, а тоа е втор настап во престижното друштво. Противници во квалификациите ни се Босна и Херцеговина и Турција.

„Наша предност евидентно е што Федерацијата успеа да изменаџира да ги добие двата турнира овде, што зборува за нејзината способност, а нам ни дава уште поголема шанса. Проблем е што нема да има публика, па таа предност на домашен терен нема да биде толку голема, но сепак постои и јас верувам дека повторно ќе играме на европско првенство“, вели селекторот Никола Матијашевиќ. 

Под негово водство, македонската репрезентација работеше од 15 декември, најпрво во некомплетен, а потоа и во проширен состав, максимално почитувајќи ги протоколите за заштита од пандемијата. Последните тестови кај сите играчи и кај стручниот штаб беа негативни, па Матијашевиќ ќе може да го користи сиот играчки потенцијал.

„Се разбира дека сите сакаме да бидеме први, односно да ја победиме Турција еднаш, ако може и двапати. Тие имаат предност на позиции кај двајца или тројца одбојкари коишто се искусни и долго време играат на европските првенства. Да не влегувам во детали, тие на некој начин ни се должни од Љубљана. Според мене, главна и основна задача е да се квалификуваме, дали како први или како втори, не е толку важно. Би било идеално да сме први и на 16-ти навечер по натпреварот со Турција, да знаеме дека сме квалификувани, да можеме да планираме, да се организираме, а не да чекаме“, посакува Матијашевиќ.

За да се остварат неговите желби, македонскиот национален тим треба да биде прв на скопскиот турнир од утре до сабота или, пак, втор, но со што подобар биланс, затоа што на Европското првенство 2021 ќе играат и петте најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи. 

Квалификациите ги отвораме утре со Босна и Херцеговина, репрезентација против која ќе се сретнеме и во четврток, додека против Турците ќе играме в среда и в сабота.