Матијашевиќ: Имаме неколку шанси на ова ЕП, ќе ги бараме со крената глава...

Селекторот Никола Матијашевиќ ги подготви одбојкарите за настапот на Европското првенство (ЕП) во групата во Љубљана и сите едвај чекаат на првиот предизвик.

Прва пречка ќе биде Финска, за која селекторот посакува да се победи, но потенцира дека и евентуална победа над скандинавската селекција нема да значи ништо.

„Ќе ги бараме нашите шанси на ЕП со високо крената глава. Од прва до последна минута ќе влеземе на секоја меч. Мечот со Финска е најважен. Но, ако ги победиме ништо не сме направиле, а ако загубиме, пак ништо не е изгубено. Победа ќе значи и за самодовербата и за да си ја отвориме вратата кон осминафиналето. Турција и Белорусија се две нови шанси кои ни се нудат. Русија е многу силна, според мене еден од двата фаворита, но нема да се предадеме однапред, ќе играме против секого“, изјави предводникот на Македонија.

Дебито на европските одбојкарски собири Македонија ќе го има в четврток, од 17:30 часот, во салата „Стожице“ во Љубљана.