Македонските одбојкарки на спаринг против Јанта волеј Кисела вода, а потоа и со Струмица жени

Најталентираните македонски одбојкарки во целост ја исполнуваат програмата на селекторот Ненад Михајловиќ за подготовката за настапот на Европското првенство 2022 (до 19 години), чијшто организатор ќе биде Одбојкарската федерација на Македонија.

Празничниот јануарски период за нив минува во базата во Берово каде што стручниот штаб првпат има можност најдиректно на натпревар да ги тестира 18-те одбојкарки од скратениот и отворен список. Тоа значи дека овој пат одбојкарките работат на тактички план.

„Во претпладневните часови играме спаринг, а во попладневните класични пријателски натпревари со екипата на Јанта волеј Кисела вода. Така ќе биде се до десетти, а потоа ќе го правиме истото, но со Струмица жени. Тоа се единствените два клуба од нашето првенство коишто ја прифатија отворената покана да дојдат во Берово за да се подготвуваме заеднички“, соопшти координаторката за женска одбојка Емилија Терзиевска.

Планот беше македонската репрезентација за одбојкарки до 19 години да патува за Белград на контролни натпревари со екипи од српскиот шампионат, но поради рестрикциите и здравствениот ризик, оваа идеја е одложена за пролетниот период, кога можеби целата ситуација ќе биде поповолна од секој аспект.